Да се биде самохран родител е предизвик исполнет со многу неизвесности. Во Германија, како една од водечките земји во Европа во однос на социјалната заштита, самохраните родители не се препуштени сами на себе. Во овој текст собрав сеопфатни информации за правата, поддршката и можностите кои ви стојат на располагање како самохран родител, со цел да го олеснам вашето секојдневие, но и да обезбедиме подобра иднина за вас и вашите деца.
1. Парична помош за самохрани родители во Германија
Самохраните родители имаат право на додаток од 1.908 евра годишно. За секое следно дете оваа сума се зголемува за 240 евра.
- Детето мора да припаѓа на самохран родител и да има право на детски додаток.
- За да го добиете даночното олеснувањето, треба да бидете во даночната класа 2 како самохран родител, за да можете да го обезбедите олеснувањето при одбивањето на данокот на доход.
- Доколку имате повеќе од едно дете, потребно е да поднесете барање за додаток (од 240 евра) на износот на даночното олеснување кај даночната управа со пополнување на барањето за намалување на данокот на плата. Сепак, износот на олеснување се исплаќа само еднаш годишно, дури и ако имате неколку деца.
2. Станбена надохнада или Wohngeld
Ако вие, како самохран родител, имате низок приход и не добивате бенефиции како што е Bürgergeld, можете да аплицирате за надоместок за домување (Wohngeld) наменет за покривање на трошоците за домување. Друг фактор што го одредува правото на надоместок за домување е бројот на членовите на домаќинството. Можете да дознаете дали имате право на станбен додаток во општинската канцеларија за бенефиции за домување.
3. Трошоците за чување на детето одбијте ги од данокот
Трошоците на јавните институции, како што се јасли, градинки или грижа после училиште обично зависат од приходот и местото на живеење и може да се движат помеѓу 0 и 600 евра месечно. Често е можно да се аплицира во канцеларијата за ѐаштита на младите за намалување на родителските доприноси.
Самохраните родители можат да одбијат две третини од трошоците за згрижување деца од даноците, на пример оние што ги сноси дадилка до максимум 4.000 евра годишно. По правило, трошоците за згрижување на дете може да се остварат до 14-годишна возраст, освен ако детето после тоа не може да се грижи за себе поради попреченост. Во овој случај нема старосни ограничувања.
4. Породилна помош или Mutterschaftsgeld
Породилните бенефиции го штитат вашиот приход ако не ви е дозволено да работите за време на бременоста или по раѓањето на детето, на пример за време на породилното отсуство.
За време на породилното отсуство, можете да добиете:
- породилна корист од вашето здравствено осигурување доколку сте законски осигурени
- породилна помош од Федералната канцеларија за социјално осигурување ако имате приватно здравствено осигурување или семејно осигурување со законското здравствено осигурување
Кои породилни бенефиции можете да ги добиете зависи од вашата работна ситуација и вашето здравствено осигурување и дали сте на породилно отсуство или не. Периодот на породилно отсуство обично започнува 6 недели пред породувањето и обично завршува 8 недели по раѓањето.
Ако добиете повеќе од 410 евра породилни надоместоци во рок од една година, мора да поднесете даночна пријава за таа година!
5. Родителски додаток или Elterngeld
Право на родителски додаток (Elterngeld) имаат не само вработените мајки, туку и оние кои студираат и се обучуваат или се невработени. Мајката има право на минимум 300 евра до максимум 1.800 евра месечно, во зависност од нејзиниот приход пред породувањето. Дополнително, имате право да добивате родителски додаток на подолг период, односно 14 наместо 12 месеци.
Родителите чии деца се родени после 1 април 2024 година може колективно да заработуваат најмногу 200.000 евра годишно за да добијат родителски додаток. Претходно, лимитот беше даночен годишен приход од 300.000 евра. Истото важи и за самохраните родители – од 1 април 2025 година, лимитот на приходи за парови и самохрани родители повторно ќе се намали од сегашните 250.000 евра на 175.000 евра!
Доколку се надмине лимитот, повеќе немате право на родителски додаток (Elterngeld). Според интерните проценки, министерството претпоставува дека со овој чекор „само мал број самохрани родители ќе бидат погодени од намалувањето на границата на приходите“.
6. Детски додаток или Kindergeld
Родителите имаат право на детски додаток како основна грижа за секое дете. Тоа се 250 евра месечно за првите три деца. Самохраните родители обично го добиваат целиот износ на детскиот додаток. Меѓутоа, ако поранешниот партнер со сигурност ги исполнува своите обврски за издршка, тој може да одбие 50 проценти од детскиот додаток од неговите исплати за издршка (алиментација).
Вработените самохрани родители имаат можност да добијат Kinderzuschlag покрај детскиот додаток. Тоа е алтернатива на Bürgergeld
7. Пари за невработени или Arbeitslosengeld
За жал, многу самохрани родители се погодени од невработеност или нивните месечни примања се недоволни, па затоа зависат и од надоместоци за невработеност. Во принцип, имате право на тоа доколку сте невработен, пријавен како барател на работа во заводот за вработување и имате одреден стаж.
Бидејќи правната ситуација во врска со надоместоците за невработеност не е лесна за разбирање, а многу од другите споменати бенефиции зависат од надоместоците за невработеност, најдобро е да побарате индивидуален совет од вашата одговорна агенција за вработување.
8. Социјална помош или Sozialgeld
Ако добивате граѓанска помош или Bürgergeld, можете да аплицирате за дополнителна социјална помош за вашето дете како самохран родител. Таа изнесува 237 € за деца до 6 години, 291 € за деца до 14 години и 311 € за млади на возраст од 14 до 17 години.
9. Социјална помош или Sozialhilfe
Социјалната помош ги покрива животните трошоци, на пример трошоците за храна, облека, сместување или греење. Како самохрана мајка или татко, може да имате право на социјална помош. Самохраните родители можат да го побараат тоа доколку не можат да работат повеќе од три часа дневно, на пример затоа што немаат каде да го остават своето дете. Дополнително, апликантот не смее да биде целосно неспособен и детето не смее да биде постаро од 15 години.
Најдобро е директно да ја прашате канцеларијата за социјална заштита дали вреди да аплицирате за социјална помош.
10. Други придобивки што ги уживаат самохраните родители
- Самохраните родители можат да бидат ослободени од работа 20 дена доколку нивното дете е болно и на возраст под 12 години. Но, за да го направат тоа, тие мора да бидат осигурени со законско здравствено осигурување и да приложат лекарско уверение со кое се докажува неопходноста од нивната грижа.
- Законот за заштита на мајчинството се однесува на сите бремени жени кои имаат договорен работен однос со нивниот работодавач. Не е важно дали подоцна ќе бидете самохран родител или ќе живеете во партнерство. Заштитата на мајчинството вклучува, на пример, заштитни мерки на работното место, посебна заштита од отпуштање и периоди на заштита пред и по породувањето.
- За жал, во деловниот свет често сè уште постојат предрасуди кон самохраните мајки, но во принцип мајките имаат право на родителско отсуство до три години (Elternezeit).
- Децата на возраст од 3 и повеќе години имаат законско право на место во градинка, но и тука има бројни разлики во понудата и работното време. На пример, често нема попладневно чување деца или има можност за чување деца само неколку часа, но приоритет треба да имаат самохраните родители при правењето на распоредот во училиштата и градинките!
Самохраните мајки веќе не се ретки во Германија. Речиси секое петто семејство е со еден родител. Повеќе од 2 милиони деца под 18 години живеат со самохран родител. Во 90 проценти од случаите тоа е мајката.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико
Повеќе можете да прочитате тука:
БРЕМЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА – Од зачнување до породување
Породилно отсуство (Elternzeit) во Германија
Како да добиете извод од матичната книга на родените (Geburtsurkunde) за дете во Германија?
Како да добиете KINDERGELD во Германија во 2024 година (најлесен начин)
Што е Kinderzuschlag во Германија и како да аплицирате за тоа?
Пораѓање во Германија – права и бонуси
Како да направите здравствено осигурување во Германија