Работа во Германија – НИКОГАШ ПОВЕЌЕ!!!

Повеќе фабрики за месо и земјоделски стопанства во Германија се претворија во жаришта на коронавирус. Една од причините: катастрофални работни и сместувачки услови. Политиката најави промени и построги контроли.

„Во Германија нема да дојдам никогаш повеќе. Дури ни на одмор или во посета, за ништо на светов.” Мариана Костеа работела два месеца во едно земјоделско претпријатие во покраината Баварија. Не издржала подолго – неплатени прекувремени работни часови, нечисти заеднички сместувалишта, никакви мерки против коронавирус. „Не прифатив да спиеме осум луѓе во една соба, осуммина да користат едно купатило, а триесетмина една кујна”, раскажува сезонската работничка од Романија во репортажата на Дојче веле – „Скандал со систем”. Во мини автобус со само осум седишта наутро биле превезувани до 14 или 15 лица на полињата, а навечер враќани во нивните сместувалишта. Заштитата од коронавирус во Германија изгледа поинаку, а таа би требало и морало да важи и за источноевропските сезонски работници.

Короната  лупа за одамна познатите неправилности

Мариана Костеа е една од многуте источноевропски работници кои во последните недели и месеци собраа храброст да проговорат за неиздржливите услови во германското стопанство – во месната индустрија, курирските служби, во негувателската бранша, на градилиштата или на земјоделските имоти. Услови кои, како што отворено признава сојузниот министер за труд, Хубертус Хајл, се познати со години: „Короната е еден вид лупа, ги прикажува видно работите кои и претходно не биле во ред“, изјави тој на една прес-конференција во Берлин.

За овие „работи“ зборува и Алекс Б. во репортажата на Дојче веле. Тој сака да остане анонимен, да не се препознае неговиот лик и глас, плашејќи се од репресалии. Две години работел кај најголемиот производител на месо во Германија, „Тениес”: „Ни крадеа работни часови. Наместо осум часа плус 45 минути пауза, работевме 10 до 13 часа дневно. На крајот си целосно исцрпен, и психички.”

Кога вели „тие”, мисли на подизведувачки и посреднички фирми кај кои се вработени најголем дел од источноевропските работници. И Романецот Алекс Б. не го склучил својот работен договор директно со германската фабрика за месо, туку со друга, екстерна фирма, која во кланицата презема дел од производството. Во неа работниците се вработуваат под поинакви услови, со „договор за дело”, а одговорноста за работните услови крајно ја носи посредничката фирма, а не производителот на месо.

Во кланиците – работа „на парче“ наместо редовни работни часови

За најголем дел од работниците ангажирани преку подизведувачка или посредничка фирма важи и поинаков начин на плаќање, не според бројот на работни часови, туку според обемот на извршената работа. А таа не може да се постигне за осум часа. Систем за експлоатација, вели Алекс Б. Оној кој протестира, брзо го отпуштаат, тука не важат германските правила за работа, раскажува тој.

Заштита од коронавирус речиси и немало, преку 1500 од околу 7.000 вработени во „Тенис” во Реда-Виденбрик на почетокот на јуни беа позитивни на тест за Ковид-19, целиот регион Гитерло беше ставен под карантин. Државното обвинителство сега води истрага против „Тениес” и редицата подизведувачки фирми поради прекршување на законот за инфективна заштита.

Извор: Dw.de

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија