Состојбата на пазарот на работна сила во Германија на почетокот на пролетта е најдобра во последните дваесет години. Бројот на невработени падна на 2,943 милиони.
Толку малку невработени Германија немала уште од далечната 1992-ра. Според најновите податоци на Сојузната агенција за труд, бројот на невработени во април изнесува 2,943 милиони. Толку низок бројот не бил уште од април пред дваесет години. Во споредба со март годинава, регистрирани се 111.000 невработени помалку. Дури и ако тука се пресметаат вработувањата што сезоната ги носи вообичаено со себе, тоа се‘ уште е невообичаено голем минус од 25.000. Стапката на невработеност падна од 7,1 на 6,8 проценти.
Невработеноста по поминувањето на зимските месеци речиси секогаш опаѓа, констатира шефот на Агенцијата за труд, Франк-Јирген Визе, но овојпат „тој пад е голем“. Причина за тоа се „добрите конјуктурни рамковни услови“. Дури ни кризата во Украина и можните снакции против Русија не го влошуваат расположението. „Во моментов не гледаме ризици за пазарот на работна сила“, нагласува Визе.
Економистите го делат овој оптимизам. Ако позитивниот тренд продолжи, бројките за целата година би можеле да бидат дури и подобри од она што и онака се очекуваше како добар биланс, вели експертот на Постбанк Хајнрих Бајер. Досега Сојузната агенција за труд сметаше со просечна невработеност од 2,9 милиони.
Во моментов посебно многу работници се бараат во енергетската и електро-сферата, металната индустрија, машинството, автомобилската индустрија, здравството, сообраќајот, логистиката, туризмот и гастрономијата.
Извор: dw.de