Семејно насилство Германија ( 2024 )

Денес, многу жени и деца често се жртви на насилничко однесување во семејството од страна на нивните татковци, сопрузи или други членови на семејството. Насилството претставува кршење на основните човекови права на сите жртви, без разлика на пол и возраст.

Под семејно насилство не подразбираме само физичко насилство, туку и секој облик на психичко малтретирање: на пример, омаловажување на децата, забрана за излегување од дома, изолација, закани, сексуална злоупотреба, следење, обраќање со погрдни имиња, вознемирување преку телефон, интернет, вербални напади, спречување на вработување со цел да се создаде финансиска зависност на партнерот.

Семејството насилство може да предизвика големи штети и да предизвика физички и психички нарушувања и не смее да се толерира, а неговата употреба е казнива. Казниво е и принудувањето на млади девојки на брак. Секој човек има право на свои мисли, ставови, сексуална ориентација. Целта на насилството секогаш е преземање на власта и контрола на членовите на семејството. Насилникот често ја убедува својата жртва дека е ментално болна и и се заканува со психијатриско лекување. Ова е особено чест случај со жените мигранти кои не зборуваат германски и не можат да се одбранат и не знаат какви права имаат, па со години трпат ваков вид на терор од страв да не го загубат своето дете или дозволата за престој. Доколку доживеете насилство во вашето семејство, задолжително побарајте помош, а во екстремна ситуација повикајте полиција.

Жените и децата кои ќе решат да го напуштат домот во Германија имаат можност да бидат сместени во дом за жени – Frauenhaus. Овие домови се достапни по телефон во секое време од денот или ноќта.

На www.frauenhauskoordinierung.de можете да најдете Frauenhaus (женска куќа) во вашето или во близина на вашето место на живеење. Советувалиште за жени (Frauenbesratungsstelle) во вашата близина можете да најдете на следниов линк: www.bv-bff.de.

Исто така постои и телефон, таканаречен Hilfetelefon „Gewalt gegen Frauen“ (насилство врз жените) на кој може да се јавите 24 часа на ден на бројот 08000 116016. Вашиот повик на овој број е бесплатен и анонимен. Луѓето кои работат на овој број соработуваат со преведувачи, па можете да добиете совет на вашиот јазик.

Борете се против насилството во вашето семејство, побарајте помош, тоа може да му се случи на секого, без разлика на возраста, полот, статусот, образованието, националноста, сексуалната ориентација или финансиската состојба.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија