ПочетнаЕвропаГерманско државјанство: Како се полага Einbürgerungstest, колку чини и кои се условите?

Германско државјанство: Како се полага Einbürgerungstest, колку чини и кои се условите?

Сите што планираат да добијат германско државјанство треба да исполнат повеќе законски услови, а за најголем дел од кандидатите еден од нив е положувањето на Einbürgerungstest. Тестот содржи 33 прашања, трае 60 минути и чини 25 евра. Добрата вест е дека сите прашања се однапред познати и достапни за бесплатно вежбање.

Германија во последните години воведе значајни промени во правилата за добивање државјанство. Од јуни 2024 година, редовната натурализација е можна по пет години законски престој, наместо претходните осум. Овозможено е и пошироко прифаќање на двојното државјанство.

Можноста за забрзано добивање државјанство по три години престој беше укината на 30 октомври 2025 година.

Кои се условите за германско државјанство во 2026 година?

Според актуелното германско законодавство, кандидатите за редовна натурализација вообичаено треба да ги исполнуваат следните услови:

  1. Најмалку пет години законски престој во Германија.
  2. Германски јазик на ниво Б1 – со соодветен сертификат или друг признат доказ.
  3. Положен Einbürgerungstest – најмалку 17 точни одговори од 33 прашања или друг прифатен доказ за потребното знаење.
  4. Обезбедена егзистенција – можност за издржување на себе и семејството, вообичаено без Bürgergeld или Sozialhilfe.
  5. Соодветно право на престој – постојана дозвола или друг престој што законски овозможува натурализација.
  6. Утврден идентитет и државјанство – со пасош или други прифатливи документи.
  7. Без релевантни кривични осуди – одредени полесни прекршоци и казни не претставуваат автоматска пречка.
  8. Почитување на германскиот устав – прифаќање на демократскиот поредок, еднаквоста и основните права.
  9. Прифаќање на историската одговорност на Германија – вклучувајќи ја заштитата на еврејскиот живот и мирниот соживот меѓу народите.
  10. Без други законски пречки за натурализација.

За одредени категории постојат исклучоци. На пример, сопружници на германски државјани вообичаено можат да аплицираат по три години престој, доколку бракот трае најмалку две години и се исполнети останатите услови.

Германија во принцип дозволува задржување на претходното државјанство, но кандидатите треба да ги проверат и правилата на својата матична држава.

Како изгледа тестот за германско државјанство?

Einbürgerungstest се состои од 33 прашања со четири понудени одговори, од кои само еден е точен. За успешно полагање потребни се најмалку 17 точни одговори.

Прочитајте: Работна виза за Германија: Македонците повеќе не мора да докажуваат дека нема германски работници за истото работно место

Кандидатите имаат 60 минути за решавање на тестот.

Од вкупните 33 прашања, 30 се однесуваат на Германија, нејзината историја, демократија, политички систем и општество. Останатите три се поврзани со сојузната покраина во која кандидатот живее.

Прашањата опфаќаат теми како падот на Берлинскиот ѕид, изборите, германските институции, основните граѓански права и историската одговорност на Германија.

Сите прашања се однапред познати

Официјалниот каталог содржи 300 општи прашања и дополнителни десет за секоја сојузна покраина. Тоа значи дека кандидатите треба да се подготват од вкупно 310 можни прашања.

Германската Сојузна служба за миграција и бегалци (BAMF) овозможува бесплатно онлајн вежбање.

Прашањата можете да ги вежбате на:

При подготовката важно е да ја изберете сојузната покраина во која живеете.

Колку чини тестот и каде се полага?

Цената за Einbürgerungstest во 2026 година изнесува 25 евра.

Тестот се полага во овластени испитни центри, најчесто во Volkshochschule (VHS). Пријавувањето може да биде онлајн или лично, зависно од институцијата.

Чекањето за термин се разликува од град до град. Некаде слободно место може да се најде за неколку недели, додека во други градови чекањето може да трае неколку месеци.

За споредба, административната такса за добивање германско државјанство изнесува 255 евра по лице, а за малолетни деца кои се натурализираат заедно со родителите вообичаено 51 евро.

Дали мора претходно да имате Б1 сертификат?

Не. Иако тестот се полага на германски јазик, не е неопходно претходно да имате положено Б1 испит.

Сепак, за редовно добивање германско државјанство вообичаено се бара познавање на германскиот јазик најмалку на ниво Б1, освен во законски предвидените исклучоци.

Кој не мора да го полага тестот?

Лицата кои веќе го положиле тестот „Leben in Deutschland“ со најмалку 17 точни одговори вообичаено не мора повторно да полагаат Einbürgerungstest.

Ослободување е можно и за кандидати со соодветно образование во Германија, како и за лица кои поради болест, попреченост или возраст не можат да го исполнат условот.

За ослободувањето одлучува надлежната служба за државјанство врз основа на конкретниот случај.

Колку се чекаат резултатите?

По полагањето, тестовите ги обработува BAMF, а резултатите се доставуваат по пошта.

Обработката може да трае од неколку недели до неколку месеци, зависно од бројот на пријавени кандидати.

Доколку кандидатот не го положи тестот, може повторно да се пријави. Бројот на обиди не е ограничен, но за секое полагање повторно се плаќа такса.

Важно: Положениот тест нема рок на важност

Една од најкорисните информации е дека положениот Einbürgerungstest нема утврден рок на истекување.

Тоа значи дека кандидатите можат да го положат тестот и пред да ги исполнат сите услови за германско државјанство.

На пример, лице кое живее четири години во Германија може однапред да го положи тестот и да ја зачува потврдата за подоцнежната постапка.

Со оглед на тоа што за термин и резултати понекогаш се чека со месеци, навременото полагање може значително да го забрза собирањето на потребната документација.

За официјални информации и актуелни услови, граѓаните можат да ги посетат www.bamf.de и www.einbuergerung.de.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Минхен

СЛИЧНИ СТАТИИ