Водич за Малта

Малта е мала островска земја, исклучително густо населена. Членка на ЕУ од 2004 година, а еврото се користи како официјална валута. Официјалните јазици се англискиот и малтешкиот, но мнозинство од населението зборува и италијански. Кога е климата во прашање, Малта е прогласена за земја со најдобра клима. Има суви и топли лета, а благи зими, но влажноста на воздугот преку целата година е исклучително висока, за што треба човек да се навикне.

Сместување
Пред да дојдете во Малта, препорачливо е да најдете стан кој ќе Ви одговара според цената. Огласи можете да најдете на веб-сајтовите MaltaPark, Times of Malta, како и фејсбук групите: Malta: Share/Rent/Rooms/Flats, Accommodation Malta- Shared flat/house, Malta friends- Rent a flat or share (no agents). Во повеќето случаи станот се плаќа однапред, за што се остава депозит во висина од една месечна кирија, а ако станот сте го нашле преку посредник, износ од половина од месечната кирија му плаќате нему. Договорите обично се со важност од една година. Становите се најевтини кон крајот на февруари и почетокот на март, за разлика од летната сезона кога цената знае да биде двојно поголема. Цените за соба се движат околу 150-250, додека пак цената на становите е од 300 до 500, но зависи од локацијата. Најевтината локација за еден стан е Buġibba, најатрактивна е Sliema, а Msida е место кое е поврзано со најмногу други локации. Месечни трошоци за електрична енергија и вода за двајца, се движат од 50 до 70 евра.

Јавен превоз
Една од критиките за Малта од оние кои имале прилика да живеат и работат таму е јавниот транспорт – автобусите доцнат, не застануваат на станиците доколку има гужва, често ги менуваат насоките, а возачите се прилично груби. Затоа препораките се да тргнете рано доколку патувате со автобус. Цената на автобуската картичка за еден ден е 1.5 евра, а неделната чини 6.5 евра. Можете да ги купите во автобус или на автомат, но такви нема насекаде. Ако одлучите да купите мотор или автомобил, ќе Ви треба малку време да се навикнете бидејќи ќе треба да возите од лева страна. Линиите кои водат од аеродромот се обележани со X, а за распоредот и правците можете да најдете повеќе информации тука.  Исто така, од голема помош може да Ви биде Google maps, каде се обележани линиите за јавниот превоз. Доколку работите трета смена, или едноставно сте излезени во некој ноќен клуб, а притоа нема ноќни линии (кои се обележани со N) превоз можете да најдете на веб сајтот на Wembleys Malta. А ако патувате на север или во североисточниот дел, можете да ги користите услугите на Felix транспортот чии комбиња доаѓаат до определеното место за да Ве земат. Цените за превоз се од 2 до 5 евра, во зависност од тоа каде треба да Ве донесе и бројот на патници.

Работа и висина на плата
Сезоната започнува кон крајот на март, па препорачливо е да отидете во почетокот на март доколку имате документи за средување, или пак во екот на сезоната при крајот на мај. Работа генерално може да се најде во текот на целата година, но обично помал број на понуди има во декември, јануари и февруари. Сезонска работа е релативно лесно да се најде, во туристичката индустрија (работа како келнер, шанкер, работа во кујна и слично). Платата по час се движи од 4,14 до 4,5 за келнери, шанкерите земаат 0,5 центи повеќе, а оние што работат во кујна имаат за евро повисока плата по час. Што се однесува до другите категории работни места, различни агенции нудат различна плата – платата за обезбедувањето на хотели и градилишта се движи од 3,51 до 3,71 евро, додека пак обезбедувањето во клубовите добиваат од 4,94 до 5,5 евра на час. Агенциите на кои можете да им се обратите за оваа работа се Signal 8, Executive Security Service и Ronin. Овие три агенции лесно прифаќаат странците кои доаѓаат надвор од границите на ЕУ.
Третата категорија на работни места каде што е најлесно да се добијат документи, се чистење, одржување и слично. Платата е од 3,5 до 4,14 евра на час. Агенциите кои посредуваат за ваква работа се OZO System, Bad Boy и Gafa. Според искуството на оние кои барале работа преку овие агенции, OZO System има поголем избор на работни места за девојки кои треба да работат во хотел и лесно ги средуваат документите. Bad Boy исто така лесно ги средуваат потребните документи и што се однесува до почитувањето на правата на работниците, се далеку подобри во споредба со другите агенции. Додека пак Gafa е нуди работни места со најмала плата. Четвртата категорија на работни места се оние во градежништвото, каде платата по час може да дојде и до 6 евра. Овие работници се најдобро платени, но и најтешки со оглед на условите и типот на работата.

Потребни документи за работа
Овие документи одат заедно со дозвола на престој (ID) која се издава за една година. Трошоците за аплицирање се 255 евра, лекарски преглед чини од 70 до 150 евра, осигурувањето чини 105-150 евра, а фотографирањето 10 eвра. Кога ќе најдете работодавачот кој ќе се согласи да аплицира за Вашата работна дозвола, тој треба да ги достави документите со кои се докажува дека сте лицето кое се бара за тоа работното место, која е причината зошто истото не му било дадено на жител на Малта или друга ЕУ земја, дали е дефицитарен кадар во прашање и слично. Со потребните документи треба да отидете во Evans Building и да ги дадете документите. Откако сте го направиле тоа, треба да се сликате за документите и да оставите отпечатоци. Истиот ден ќе добиете документ со кој Ви се овозможува легално да престојувате во Малта до добивањето на дозволата за работа, но не подоцна од три месеци. Сепак, тој тримесечен период за барање работа може да биде продолжен.
Во текот на наредните неколку неделни треба да добиете и лекарско уверение. Најевтиниот лекарски преглед можете да го направите во DaVinci Hospital.

Снабдување и трошоци за храна
Најевтините маркети каде можете да се снабдите со храна се Lidl, Pavi и уште неколку големи маркети. Еден килограм мелено говедско месо и пилешко бело месо би ве чинело околу 8-9 евра, јогурт во пакување од 500g чини околу 1 евро, цената на лебот е околу 80 центи, бананите чинат 1.5 евро, додека пак пакет вода ќе ве чини околу 2.80 евра.

Повеќе информации можете да најдете овде.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија