Во Германија очајно недостигаат келнери и келнерки

Германските угостители и нивните гости едвај го дочекаа ублажувањето на мерките, кои, пак, претходно, ја направија посетата на кафуле или ресторан практично невозможна, од почетокот на ноември минатата година.

Прво, терасите беа отворени пред неколку недели, а со падот на седумдневната инциденца, повеќето ресторани сега отвораат затворени простории за гостите. Секако, сè е придружено со хигиенски мерки и мерки за следење на епидемијата, пишува ДВ, а пренесува Индекс.хр.

Но, најголемата грижа за угостителите во моментот е недостатокот на персонал. Во Германија, повеќето келнери и келнерки ја завршија оваа работа како дополнително вработување или работа со скратено работно време, покрај студирање или училиште.

Во месеците на целосно затворање, многумина се преориентираа кон други извори на приход и многу од нив се изгубија неповратно како работна сила во угостителската индустрија.

„Не можев да им кажам на луѓето: Чекајте, бидете трпеливи додека не се отвориме повторно“, изјави сопственичката на еден ресторан во Келн за јавниот сервис на АРД, објаснувајќи зошто голем број поранешни работници не се вратија по локдаунот.

Таа се жали дека е тешко да се најдат доволно луѓе за работа дури и ако преовладуваат нормалните услови, и дека хигиенските мерки бараат дополнителен персонал.

„Некој мора да ги поздрави гостите, да ги однесе на маса, за сето тоа е потребен дополнителен персонал и чини пари“, вели овој угостител. Владее финансиската неизвесност, многумина не се сигурни дали ќе треба да ја вратат финансиската помош што ја добија од државата.

Сето ова резултираше со пораст на цената на угостителските услуги од, како што објави АРД, од пет до десет проценти.

Многумина, и покрај државната помош во различни форми, не го преживеаја овој тежок период. Од средината на март, според здружението на германски угостители и хотелиери ДЕХОГА, 70 до 120 угостителски компании поднеле барање за банкрот секој месец. Само до февруари, 120.000 работни места беа изгубени во гастрономијата и угостителството.

Во исто време, ДЕХОГА проценува дека државната помош, како што се еднократни финансиски исплати или програми за финансирање со скратено работно време, заштедила околу 50.000 угостителски компании.

Директорката на ДЕХОГА, Ингрид Хартгес бара подобра политичка поддршка за да не пропадне повеќе угостители во случај на следниот пандемиски бран.

„Треба да бидеме подобро подготвени да се соочиме со евентуалниот следен бран“, изјави Хартгес за дневниот весник „Ноје Пасауер Пресе“.

Но, и покрај предупредувањата во индустријата, постои еден вид оптимизам за претстојното лето. Многумина се надеваат на слична реакција од гостите, како што е забележана од туристичката индустрија: по повеќемесечна жртва, гостите се подготвени да посегнат подлабоко во џебовите и да си дозволат услуги што вообичаено не би ги дозволиле.

Извор: Дојче веле

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија