
1.Вундерланд во Хамбург- минијатурен свет
Вундерланд во Хамбург е најголема атракција од тој вид во светот. Тоа е вистинско ремек дело на железничко моделирање каде до најситни детали се направени минијатури на цели земји, градови и пејзажи. Светот во размер 1:87!

2. Европа-Парк Руст
13 ролеркостери, кино со четридимензионална технлогија (4D) и над 100 други атракции го прават Европа-Парк Руст најголем забавен парк од тој вид во Германија. Годишно го посетуваат над 5 милиони луѓе.

3. Дворецот Нојшванштајн
Замокот од бајките во Баварија е направен според идејата на кралот Лудвиг Втори. Изградбата започнала во 1869 година и траела речиси 20 години. Кралот само неколку месеци живеел во тој витешки дворец од неговите соништа, умрел пред да биде целосно завршен.

4. Боденско езеро
Парковите на островот Маинау, црквите се дел од Светското културно наследство на островот Рајхенау… а покрај тоа уште и волшебното гратче во медитерански стил. Се’ тоа Боденското езеро го прави се’ попривлечно за туристите. На сликата: Маинау или „остров на цвеќето“

5. Ротенбург об дер Таубер
Ретко кој град во Германија има толку добро сочувани средновековни градби како ова гратче во Баварија, во близината на Ансбах. На сликата е улицата на ковачите.

6. Стариот град во Дрезден
Историскиот центар на Дрезден со своите музеи и со Богородичната црква го сочинуваат срцето на познатиот барокен град. Поради својот маркантен изглед, главниот град на Саксонија се нарекува уште и Фиренца на Елба.

7. Стариот град во Хајделберг
Хајделберг веќе со години е на оваа листа омилени дестинации. Градот на бреговите на реката Некар важи за типичен пример на германска романтика. Познатиот стар замок доаѓаат да го видат луѓе од целиот свет, и тоа над еден милион годишно.

8. Фантазијаланд во Брил
Фантазијаланд во близината на Келн годинава слави 50 години постоење. Има богата понуда на атракции за деца од сите возрасти но и за возрасни.

9.Зоолошката градина Хелабрун во близината на Минхен
Во зоолошката градина Хелабрун од 1928 година живеат над 750 видови животни. Тоа е првата Гео-зоолошка градина во светот. Животните се распоредени во заедници онака како што живеат во природата на континетите.

10. Долината на реката Мозел
Долината на реката Мозел за првпат се најде на оваа листа. На својот тек од Трир до Кобленц, Мозел дели планински масиви: од едната страна е Ајфел, а од другата Хунсрик. Карактеристични се длабоките долини, лозјата на бреговите и бројни замоци и тврдини. На сликата: Мозел во близината на Ирциг.

Извор: Dw.com