Појасот со висок воздушен притисок „Анели“ во Европа донесе температури до 40 Целзиусови степени. Жешкиот воздух доаѓа директно од Сахара и ги препотува и луѓето и во Велика Британија, Германија и Франција.
Вестон супер меар – одморалиште на југозападот на Англија. Домашните посетители на плажите уживаат во летното време многу невообичаено за овој регион: „На време како ова нема потреба да се патува некаде“, вели еден мештанин. „ И во странство немаше да биде подобро“, се надоврзува една задоволна мештанка.
Меѓутоа, не можат сите да уживаат во екстремните горештини.
„Апелираме до секој да ги држи на око семејството и пријателите и да се погрижи да пијат доволно вода, Тоа особено важи за луѓето со срцеви или проблеми со дишењето“, истакнува Кевин Екелстон од Министерството за здравство на Велика Британија.
Во лондонската населба Вимблдон, мајката нa шкотската тениска ѕвезда Енди Мареј вчера делеше пијалоци пред влезот на терените. Средата со речиси 36 Целзиусови степени влезе во историјата на тенискиот турнир Вимблдон како најжежок ден.
Во францускиот главен град Париз температурите достигнуваат речиси 40 Целзиусови степени. Во општинските совети отворени се простории со клима уреди. Градските службеници преку телефон проверуваат кај постарите луѓе дали е сѐ во ред. Во подземната жеелзница се апелира до гостите да пијат доволно вода. Министерката за здравство на Франција, Марисол Туран, порачува:
„Постојано сме во состојба на тревога. Ја набљудуваме ситуацијата во болниците и во лекарските ординации. Во моментов меѓутоа нема причина за загриженост.“
Туристите и мештаните ја користат оваа ретка шанса малку да се пошлапкаат во фонтаните во околината на прочуената Ајфелова кула. Летните горештини треба да траат најмалку до викендот.
Извор: dw.de