Киро се врати од Швајцарија и направи фарма за магариња, сега ја продава: Магарињата во Македонија не постојат!

Киро Гоцевски (50), по потекло од село Нов Истевник, Делчево, пред околу три години го сврте вниманието на јавноста, кога по 20 години минати во Швајцарија реши да се врати во родниот крај и да започне невообичаен бизнис – да отвори фарма за магариња.

Во интервју за ,,Фокус” тогаш појаснуваше дека се работи за доста исплатлив бизнис, кој не е многу познат кај нас, но според неговите анализи, во него лежел голем потенцијал. Свежото магарешко млеко во регионот се продавало по цена од околу 80 евра за литар, додека пак замрзнатото по околу 50 евра.

Започнал со 43 магариња, веруваше дека ќе го прошири бизнисот и ќе ја зголеми бројката на околу 200 – 300 магариња во иднина, и раскажуваше дека неговата сопруга планирала заедно со децата кои се школувале во Швајцарија, по нивното завршување на школувањето да се вратат во Македонија.

Сепак, планираното, очигледно не се остварило, и денес Киро ја продава фармата.
Зграда од 300 метри квадратни, 44 магариња, комплет механизација, 1,5 хектари земјиште, како и 1.000 литри замрзнато магарешко млеко се нудат на продажба.

Несудениот фармер, разочаран од актуелната состојба, во разговор за ,,Фокус” појаснува дека морал да се реши на овој чекор, да распродаде се во кое што вложувал изминатите три години, а најверојатно и ќе се врател во Швајцарија.

-Едно се очекувањата, реалноста во Македонија е друго. Имав големи планови, не само околу производство на млеко, туку и козметика на база од млекото, но не излезе ништо. Млекото не се продава… Вложив многу средства во механизација, околу 150.000 евра, се надевав дека бизнисот ќе заживее, бидејќи ова е најголемата фарма за магариња во Македонија. Единствено знам дека во минатото се одгледуваа магариња некаде во околината на Охрид, но тоа беше мала бројка, околу десеттина, не знам дали и таа фарма сега функционира – појаснува Гоцевски.

Вели дека покрај тоа што млекото не се трошело, имал голем проблем и да најде работници. Никој не се сакал да работи, а станува збор за одговорна работа.

-Од државата нема никаква помош за овој бизнис. Како што се даваат субвенции за други бизниси, така очекував и за фармата да има некаква опција, но ништо. Магарињата во Македонија како да не постојат, ги нема во регистер! Си дојдов во родниот крај со идеи, со надеж, инвестирав и бев решен да успеам. Не ме прашувајте дали сум разочаран, од ова што го раскажав за фармата, се знае одговорот. Сега гледам ако може побргу да ја продадам, а ако некој е заинтересиран, нека ме бара на телефонскиот број 071 504 333 – ни изјави фармерот.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија