Откако минатата година Швајцарците ги турнаа од врвот, годинава Данците повторно се најсреќна нација во светот. Извештајот на СДСН и Институтот на Универзитетот во Колумбија, направија рангирање на 156 земји според тоа колку се среќни нивните жители.
На второто место оваа година се најде Швајцарија, а по неа следуваа Исланд, Норвешка и Финска. Од нордиските земји најниско се пласираше Шведска, но и покрај падот за две места, остана во првите десет.
„Овие оценки се одраз на целокупниот живот во секоја држава, со анализа на повеќе фактори кои влијаат врз личната среќа и задоволство кај граѓаните“, изјави Џон Хеливел кој е професор на Универзитетот во Британска Колумбија и еден од уредниците на извештајот.
Данците имаат добро воспоставена меѓународна репутација како „најсреќната нација во светот“, откако повеќе пати се најдоа на врвот на ваквите истражувања. Во јули 2015 година, една слична студија од Копенхаген, ја стави Данска на четвртото место, веднаш зад Финска, Холандија и Норвешка. Неколку месеци пред тоа, Данска се најде на третото место на извештајот на Обединетите нации кои ја истражуваа целокупната благосостојба на граѓаните. Освен тоа, пред само неколку месеци, данскиот град Алборг беше прогласен за најсреќниот град во Европа.
Теориите за тоа зошто Данците постојано се рангираат толку високо во ваквите истражувања, се поделени. Некои велат дека Данците како народ имаат многу пореални очекувања од животот за разлика од останатите нации, додека пак други цинично укажуваат на тоа дека причината е големата употреба на антидепресиви. Трета теорија е дека таквата состојба на среќа им е генетски наследена. Еуџинио Прото, истражувач на Универзитетот во Ворвик, изјави дека неговата анализа на 131 земја, покажува дека данските гени ги прават луѓето посреќни.
„Ако имате данска ДНК, ќе бидете среќни без оглед на тоа каде живеете“, рече Прото.
Што се однесува до земјите од регионот, најдобро котира Србија, која оваа година се најде на 86 место, а веднаш по неа следуваа Босна и Херцеговина и Црна Гора. Македонија е на 95 место, Грција на 99, Албанија на 109, а Бугарија на 129 место.
На дното на листата се најдоа Авганистан, Того, Сирија и Бурунди.