Бременоста е секако прекрасен период кога знаете дека ќе го донесете најголемото богатство на светот, вашето дете. За сè да оди како што треба, сигурно ќе бидете заштитени во Германија.
Што е породилно отсуство (Mutterschutz) во Германија?
Секој што е вработен во Германија има право на олеснување за време на бременоста, односно да не мора да работи. Законот ви дозволува вкупно 14 недели, од кои 6 недели пред породувањето и 8 недели по породувањето.
Може да го продолжите породилното отсуство во случај на предвремено породување, породување со царски рез, ако носите близнаци или повеќе деца во една бременост и ако детето е родено со некои тешкотии.
Ако сепак сакате да работите до раѓање, законски имате право на тоа. Во тој случај, мора да го известите вашиот работодавец, бидејќи тој мора да се придржува до одредени правила пропишани со закон, за кои пишувам подолу.
8 недели по породувањето, обврска на секоја мајка е да остане на породилно отсуство (Mutterschutz).
Кој има право на породилно отсуство (Mutterschutz) во Германија?
Секоја жена што е бремена или дои може да земе породилно отсуство ако работи во Германија, (или ако работи во друга држава но со германски работен договор – на пример, гранични работници во Швајцарија или Луксембург)
Исто така право на породилно отсуство имаат: домаќинки, самовработени жени и посвоители.
Може ли да се добие отказ за време на бременоста ?
Во Германија, законот (Kündigungsschutz) ве штити од добивање отказ од моментот кога ќе останете бремени до четири месеци по раѓањето на вашето дете.
Во случај да аплицирате за родителско отсуство (Elternzeit), тогаш заштитата од добивање отказ може да биде продолжена.
Овој закон важи само ако го известите вашиот работодавец за бременоста, ако веќе сте се породиле или сте имале спонтан абортус.
Иако има некои случаи кога работодавачот има право да ве отпушти во Германија, тие се многу ретки:
Овие случаи се валидни само ако компанијата не е финансиски ликвидна (пред банкрот), ако компанијата затвори одредени оддели, ако не може да си дозволи да продолжи да работи без соодветна замена и ако грубо сте го нарушиле работниот однос.
Напоменувам дека во ваков случај, вашиот работодавец мора за тоа прво да поднеси барање до Агенцијата за Семејство во вашата провинција.
Еве линк до оваа државна канцеларија: Bundesministerium für Famillie, Senioren, Frauen und Jugend
Како се заштитени мајките за време на бременоста на работа
Законот за мајчинството ги штити мајките од извршување задачи на работа што може да претставува здравствен ризик за мајката и / или детето.
Ако сте бремени или доите, еве неколку правила што вашиот работодавец мора да ги почитува според Законот за заштита на мајчинството:
Пропишано работно време
Не смеете да работите во недела и празници освен ако самите не се согласите за тоа. Ако работите, тогаш мора да имате минимум 11 часа помеѓу работните смени и дополнителен слободен ден како компензација за одмор
Доколку треба да работите помеѓу 20 и 22 часот, мора експлицитно да се согласите со ова и вашиот работодавец мора да добие дозвола од надлежниот надзорен орган.
Не смеете да работите помеѓу 22 и 6 часот наутро, така што нема ноќни смени.
Не смеете да работите прекувремено.
Ако сте под 18 години, не можете да работите повеќе од 8 часа на ден и не повеќе од 80 часа во две последователни недели.
Ако имате над 18 години, не можете да работите повеќе од 8,5 часа на ден и не повеќе од 90 часа во две последователни недели.
Контролирано работно опкружување
Работодавачот мора да ви обезбеди здрава и безбедна работна околина
Вие не можете да извршувате физички тешки и тешки задачи; ова значи секоја работа на која често или повремено треба да кревате или преместувате товари поголеми од 5 килограми без механичка помош.
Не можете да работите со материјали, супстанции, гасови или екстремни елементи што можат да ја загрозат вашата бременост.
Не треба да извршувате задачи кои бараат често истегнување, виткање или сквотирање.
Нема да работите со машини кои предизвикуваат замор во нозете.
Нема да работите од 6-тиот месец од бременоста па натаму, ако мора постојано да стоите на нозе.
Сите овие упатства се ваше законско право, затоа не дозволувајте вашиот работодавец да ве искористи. Ако работодавачот мисли дека може да ве искористи само затоа што можеби не знаете многу германски, тој мора да биде свесен дека добро ги познавате законите за заштита на мајката. Можеби ќе ви треба правна помош доколку се повредени вашите права, па затоа е добро да бидете осигурани во тој случај.
Привилегии за време на доењето на децата во Германија
Доењето игра многу голема улога во развојот на детето. Законот за заштита на мајчинството се обидува да им овозможи на мајките онолку време колку што им е потребно за време на периодот на доење на новороденче.
Кога ќе се вратите на работа после породилното отсуство, а сè уште го доите вашето бебе, вашиот работодавец е должен да ви дозволи да правите паузи за доење се додека вашето бебе не наполни една година.
Имате право да направите две паузи од 30 минути или една пауза за доење од еден час на работен ден (овој закон е теоретски добар, но треба да имате градинка во близина на работното место каде што можете да го земете и доите вашето бебе)
Ако работите повеќе од 8 часа на ден без пауза од 2 часа, имате право да побарате две паузи за доење од по 45 минути. Ако не можете да го доите вашето бебе во близина на работа, можете да побарате пауза од 90 минути (ако можете да го достигнете бебето за тоа време, тогаш е паметно да го искористите тоа)
Не мора да ги надополнувате тие паузи. Исто така, ова не треба да влијае на вашата плата и овие паузи не треба да се сметаат како паузи за топол оброк. Запомнете го ова добро кога ќе ви се избројат работните часови, таа пауза се смета како сосема нормална работа!
Паузите за доење важат и за жени кои работат со скратено работно време.
Mutterschaftsgeld во Германија
Вашето породилно отсуство не треба да влијае на вашата плата. Работодавачот е должен да ви плати што се нарекува Mutterschutzlohn. Можете да аплицирате за ова најрано седум недели пред датумот на породување.
Платата што ќе ја добиете е висока колку просечната бруто плата пред почетокот на бременоста. Тој просек се пресметува според последните 3 месеци во кои сте работеле.
Парите што ги добивате за време на породилното отсуство сè исто како да работите, што значи дека вашиот работодавец мора да ги покрие сите останати трошоци како пензиско, здравствено осигурување итн…
Овој вид на надоместок го плаќа вашето здравствено осигурување заедно со вашиот работодавец. 6 недели пред раѓањето добивате пари на месечно ниво. Постои можност да ги добиете парите одеднаш по 8 недели, но треба да се удоговорите за тоа со вашето здравствено осигурување
Покрај тоа, можете да аплицирате и за родителски додаток (Елтернгелд) и детски додаток (Киндергелд), кои се државни субвенции за млади семејства.
Исто така, ако работите само Minijob – можете да побарате Muttershaftsgeld – но од Бирото за социјално осигурување. Ова е еднократна помош од 210 €, што дефинитивно би ја препорачал. Може да аплицирате тука: Формулар за додаток од 210 €.
Кога да го известите вашиот работодавец за бременост во Германија?
Тоа апсолутно зависи од вас, но имајте на ум дека првите три месеци од бременоста се ризични.
Повеќето жени во Германија го известуваат својот работодавец за бременоста откако успешно ги поминале првите три месеци.
Може ли да одите на породилно отсуство за време на пробен период на работа ?
Ако имате договор за вработување на неопределено време, тогаш можете да одите на породилно отсуство и работодавачот не може да го искористи правото на отказ без причина, бидејќи сте заштитени.
Да го повториме законот уште еднаш
Значи, законот за заштита на мајчинството гласи:
„Известувањето за прекин на работен однос на жената не е дозволено за време на бременоста; до четири месеци по абортусот; по дванаесеттата недела од бременоста и до крајот на нејзиниот заштитен период по породувањето, но најмалку четири месеци по породувањето. – ако ви треба извор, еве: §17 Mutterschutzgesetz
Отказ од работа ако работодавецот не бил известен за бременоста
Ако случајно не сте го известиле вашиот работодавец дека сте бремени, а сте добиле писмен отказ имате рок од 2 недели да го известите вашиот работодавец дека сте бремени. Ако не го сторите тоа во пропишаниот рок, веќе не можете да поднесете жалба за отказот и станува валиден.
Постои ситуација кога едноставно не можете да го достигнете тој рок, на пример, имате компликации во бременоста или не сте знаеле за бременоста во тој период. Потоа можете да контактирате со вашиот работодавач на подоцнежен датум и во тој случај имате право да ја задржите работата.
Отказ од работа иако работодавачот е известен за бременоста
Ако работодавачот ве отпушти од работа иако тој знаел за бременоста и не побарал дозвола од надлежната канцеларија, тоа отпуштање се смета за неважечко.
Пазете се од ова, бидејќи ако не поднесете барање за заштита од отказ до Arbeitsgericht во рок од 3 недели, вашето откажување ќе важи по овој период.
Овие 3 недели се неопходни за какво било отпуштање (тука е законот), и ако не знаете со кое тело да контактирате, најдобро е да имате подготвена правна помош. Сметајте дека за да користите правна помош, важно е да имате правно осигурување, најмалку 3 месеци пред да користите адвокат. Без осигурување, вашите трошоци ќе бидат толку високи што се скоро неисплатливи.
Повеќе можете да прочитате тука:
БРЕМЕНОСТ ВО ГЕРМАНИЈА – Од зачнување до породување
Породилно отсуство (Elternzeit) во Германија
Како да добиете извод од матичната книга на родените (Geburtsurkunde) за дете во Германија?
Како да добиете KINDERGELD во Германија во 2024 година (најлесен начин)
Што е Kinderzuschlag во Германија и како да аплицирате за тоа?
Пораѓање во Германија – права и бонуси
Како да направите здравствено осигурување во Германија
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.