Половина од илегалните имигранти во Швајцарија работа во домаќинствата, покажува една нова студија која проценува дека има околу 76.000 илегални мигранти во оваа земја.
„Нагласуваме дека ова е само проценка“, се вели во студијата. „Бројот на илегалци не може точно да се утврди, но веројатно е меѓу 50.000 и 90.000“.
Околу 43% од нив доаѓаат од Централна и Јужна Америка, 24% од европските земји надвор од ЕУ, во кои спаѓа и Македонија. Две третини од илегалците пристигнуваат во Швајцарија како туристи или без патни документи, додека пак една петтина останале во земјата и покрај тоа што им било одбиено барањето за дозвола за престој или азил.
Околу 28.000 илегалци живеат во Цирих, 13.000 во Женева, а 12.000 во кантонот Вауд. Само 600 живеат во кантонот Тичино каде официјален е италијанскиот јазик. Генерално, девет од десет возрасни илегални емигранти се вработени, а поголемиот дел од нив работат долги часови за ниски плати. Половина од илегалците работат во швајцарските домаќинства, а многу други се вработени во градежништвото и туризмот.
Работата во приватните домови на црно, е привлечна за многу илегалци, бидејќи на таков начин се чувствуваат повеќе заштитени, а тоа им овозможува и пофлексибилни обврски околу нивните деца. Оваа ситуација им оди во прилог и на швајцарските семејства, бидејќи имаат евтина работна сила. Освен во домаќинствата, илегалните мигранти работат и во малите бизниси, каде ризикот е помал, но со тоа и платите се помали.
Студијата се базира на информации од различни извори, вклучувајќи интервјуа со 60 експерти од 12 кантони, како и статистички податоци околу миграцијата. Слично истражување беше спроведено и пред десет години, кога според проценките, во Швајцарија имаше околу 90.000 илегални мигранти.
Ако ви се допадна статијата, а и за повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата група Македонци во Швајцарија