Германија се откажува од патарина за автомобили: Autobahn останува бесплатен и за странските возачи

Возачите кои патуваат низ Германија засега нема да мора да купуваат вињета или да плаќаат патарина за користење на германските автопати. Сојузната влада не планира нов обид за воведување патарина за патнички автомобили.

Сојузниот министер за транспорт Steffen Bilger ја отфрли можноста повторно да се отвори ова прашање. Според него, патарината за автомобили не е дел од коалицискиот договор и нема намера да покренува иницијатива за нејзино воведување.

Германија веќе се обиде – проектот заврши пред Европскиот суд

Идејата за наплата на германските автопати не е нова. Германија претходно подготви модел според кој сите возачи требаше да плаќаат за користење на Autobahn.

Прочитајте: Од септември нови правила во Германија: Промени за купувачи, даночни обврзници и корисници на Spotify

Сепак, за сопствениците на автомобили регистрирани во Германија беа предвидени даночни олеснувања со кои практично требаше да им се компензира трошокот за патарината.

Токму тоа се покажа како главниот проблем.

Во 2019 година, Европскиот суд оцени дека предложениот систем е спротивен на правото на Европската унија, бидејќи финансискиот товар во пракса главно би го сноселе возачите со автомобили регистрирани надвор од Германија.

По оваа одлука, планираниот систем не беше воведен.

Речиси сите соседи наплаќаат, Германија останува исклучок

Steffen Bilger признава дека ситуацијата во Германија е поинаква од онаа во голем дел од соседните држави. Речиси сите земји околу Германија имаат некаков систем за наплата на користењето на автопатиштата – преку вињети, патарини или други модели.

Сепак, неуспешниот германски проект од минатото практично ја затворил политичката дебата за нов обид.

Тоа е добра вест и за милиони странски возачи кои секоја година ја користат Германија како транзитна земја, вклучително и голем број Македонци кои патуваат со автомобил меѓу Германија и Македонија.

Тие и понатаму ќе можат да ги користат германските автопати без дополнителен трошок за вињета или патарина.

Камионите продолжуваат да плаќаат

За товарниот сообраќај, правилата се сосема поинакви. Патарината за товарни возила останува важен извор на приходи за државата.

Од овој систем Германија годишно прибира повеќе од 13 милијарди евра.

Засега нема најава сличен модел да биде проширен и на патничките автомобили.

Со тоа Германија останува една од земјите во Европа каде што најголемиот дел од автопатската мрежа може да се користи со автомобил без директно плаќање патарина.

Што мислите вие – треба ли Германија да воведе вињета или патарина за автомобили, особено за транзитните возила, или Autobahn треба да остане бесплатен за сите?

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија