Работници од Македонија ја напуштаат Германија: „Можеш да работиш и за 2.700 евра, но тоа е робија…“

Многумина во коментари на фејсбук истакнуваат дека проблемот не е во Германија, туку во луѓето и нивните навики.

На социјалните мрежи во изминатите денови се разви жестока расправа околу исплатливоста на заминувањето во Германија и околу тоа колкава плата е доволна за достоинствен живот.

Сè започна со објава на еден работник од Македонија, кој порачува:

„Ајде, те молам, напиши таму за овие што сакаат да одат во Германија дека не им се исплати да доаѓаат под плата од 3.500 евра. Можеш ти да работиш и за 2.700 евра, но тоа е робија! Јас чекам да го отплатам кредитот и назад во Македонија – доста ми е од сè!“

Неговиот став предизвика многу коментари – од поддршка до остри критики.

„И во Македонија ќе работиш за 700 евра“

Еден од коментарите гласи:
„А во МК нема да работиш за 2.700, туку за 700 евра. Првите плати веднаш дигате кредити за да купите автомобил, па после кукате како ви е тешко…“

Друг додава:
„Кој ти рече да земаш кредит? Сам си крив. Да беше толку лесно, секој ќе земаше.“

Живеење над можностите

Многу коментатори истакнуваат дека проблемот не е во Германија, туку во луѓето и нивните навики.

„Германија не е виновна, вие сте виновни што ви се алчни очите и сакате повеќе отколку што можете, па живеете и трошите над своите можности. И да ви е платата 5.000 евра, пак ќе преживувате од месец за месец!“ – пишува еден корисник.

Особено се критикувани оние кои веднаш по доаѓањето купуваат скапи автомобили, телефони и луксузни работи, а потоа живеат во долгови.
„Првите три плати – па кредит за автомобил од 50.000 евра, Гучи, Прада, нов iPhone… А потоа три недели паштета за појадок, ручек и вечера. Сите се виновни, само ти не си!“ – стои во еден од коментарите.

„Може да се живее нормално“

Сепак, има и поинакви искуства. Еден македонец кој живее во Минхен веќе 12 години тврди дека со 2.700 евра месечно може нормално да живее, без кредити и долгови.

„Гарсониерата ја плаќам 850 евра, за храна трошам 600 евра, не возам автомобил туку користам јавен превоз. Немам кредити ниту минуси. Патував низ половина Европа и Канада и сè уште заштедувам. Сè е прашање на мера и начин на живот, а не на Германија.“

Расправата завршува со мислење што многумина го поддржаа:

„Проблемот е во нас, а не во висината на платата. Кога ќе се покриваш онолку колку што ти е долг јорганот, дури тогаш ќе бидеш задоволен од животот – било во Германија или во Македонија.“

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, најдоброто здравствено осигурување во Германија