ШТО Е ИНФЛАЦИЈА, А ШТО ДЕФЛАЦИЈА?

Инфлација означува постојан пораст на општото ниво на цените во одреден временски период. Значи, при дефинирањето на инфлацијата, важни се два момента: прво, инфлацијата претставува пораст на општото ниво на цените, мерено преку некој индекс на цени, т.е. не може да се зборува за инфлација ако дошло до пораст на цената на еден производ или група производи; второ, инфлацијата претставува тренд на постојано зголемување на цените, т.е. еднократниот пораст на сите цени (на пример, поради зголемување на даноците) не претставува инфлација. Инфлацијата е еден од трите централни проблеми во макроекономската анализа, покрај невработеноста и економскиот раст.

Инфлацијата претставува карактеристика на современиот свет – периодот по Првата светска војна. Така, историските податоци за движењето на цените во Велика Британија во периодот од 1660 до 1914 година покажуваат дека цените се движеле нагоре и надолу без никаков забележлив тренд во нивното движење, додека по 1914 година, нивото на цените се зголемило за дваесет пати.

Инфлацијата претставува прекумерно зголемување на паричната маса во оптек, што доведува до намалување на вредноста на парите. Инфлацијата ја претставува неурамнотеженоста на стоковно – паричните односи предизвикана од зголемената парична маса во оптек и масата на одобрени кредити во споредба со големината на расположливиот трговски фонд изразен преку вкупните цени.

Инфлацијата ја намалува вредноста на парите и предизвикува општ пораст на цените.  При мерење на инфлацијата во предвид се земаат сите стоки и услуги што ги користи едно просечно семејство, а во кое се вклучени секојдневни добра (храна, пијалоци, дневни весници и горива), трајни добра (како што се на пример облека, компјутери, апарати за домаќинство и слично) и услугите (како што се на пример фризерски услуги, осигурување, наем на станбениот простор).

Инфлацијата може да биде умерена инфлација, што подразбира мал пораст на цените и едноцифрена на годишно ниво. Галопирачката и хиперинфлацијата претставуваат екстремни појави и надминуваат две или три цифри.

Од друга страна, дефлацијата претставува сосема спротивна појава од инфлацијата. Таа ја изразува нерамнотежата меѓу количината на пари во оптек и вкупната понуда на стоки и услуги по одредени цени. Со намалување на паричната маса во оптек се намалува и побарувачката, со што се зајакнува вредноста на парите. Намалувањето на побарувачката доведува до намалување и на понудата, бидејќи доколку се намали побарувачката и деловните субјекти ја намалуваат својата понуда.

Дефлацијата, од своја страна, предизвикува намалување на работни места поради намаленото производство, по што се забележува пад на животниот стандард кај населението, со што дополнително ја намалува нивната куповна моќ.

Со појавата на дефлацијата во определен регион или држава се означува дека за помалку пари би можело да се купи исто количество на стока или услуга. Главна карактеристика на дефлацијата е не само намалувањето на вредноста на парите, туку со тоа и зголемување на невработеноста. Најголемата дефлација во светот се случила во 1930 година како и во 1989 година со паѓање на комунизмот.

Голем број економисти сметаат дека умереното ниво на инфлација може да се анализира како моторна сила што ја придвижува економијата. Мерките, пак, со кои се одржува стабилно нивото на цените може да предизвика и контра ефект, односно дефлација. Оваа појава може да биде исклучително деструктивна и да предизвика рецесија на економијата.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија