Германската влада започна да ги повлекува претходно дадените ветувања за хуманитарен прием на Авганистанци. Поради таа одлука, околу 1.800 луѓе повторно се наоѓаат во целосна неизвесност. Два од четирите програми за прием ќе бидат целосно укинати, додека третиот, наменет за локални соработници, ќе биде делумно погоден. Приказната ја пренесува ДВ.
Во наредните денови, околу 640 Авганистанци ќе добијат известување дека „повеќе не постои политички интерес за нивниот прием“. Овие лица досега престојувале во Пакистан и чекале заминување во Германија. Станува збор за луѓе кои се плашат од прогон и одмазда од талибанскиот режим, а имале официјално ветување од германската влада.
Овие ветувања сега се повлекуваат. Причината е одлуката на актуелната демохристијанско-социјалдемократска коалиција на програмите за прием „колку што е можно повеќе“ да се стави крај. Така е договорено во коалицискиот договор на ЦДУ/ЦСУ и СПД.
Програмите беа воведени по преземањето на власта од страна на талибанците во 2021 година. Тие опфаќаа активистки за женски права, адвокати, новинари и други противници на режимот. Овие ветувања ги даде претходната влада составена од социјалдемократите, зелените и либералите. Сојузниот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, денес ги опишува како „товар од минатото“.
Легитимност
За првпат е погодена и програмата за локални соработници. Станува збор за лица кои работеле за германските министерства или за Бундесверот. Минатата недела, дел од нив и нивните семејства добиле е-пошта со известување дека повеќе нема да бидат примени.
Информацијата ја објави хуманитарната организација „Воздушен мост Кабул“. Според зборовите на нејзината портпаролка Ева Бајер, околу 130 лица останале без претходно даденото ветување.
Пораката ја испратила државната агенција за развојна помош ГИЗ. Во неа се наведува дека „не постои основа за ветување за прием според член 22 од Законот за престој“. Конкретната причина не е наведена. Министерството за внатрешни работи потврди дека само уште 90 од преостанатите 220 локални соработници можат да се повикаат на важечко ветување.
Регулатива и одговорност
Александар Добринт изјави дека сè уште не бил целосно запознаен со сите детали, но нагласи дека неговата основна одлука не се менува.
„Онаму каде што постојат правно обврзувачки ветувања за прием, ние ќе ги исполниме“, изјави тој. Додаде и дека Германија има трајна одговорност кон локалните соработници. Услов за прием останува успешно спроведена безбедносна проверка.
Според податоците на владата, Германија од 2021 до април 2025 година примила околу 4.000 локални соработници и речиси 15.000 членови на нивните семејства. Групата што сè уште се наоѓа во Пакистан е бројчено помала, но се наоѓа во сè потешка положба.
Неизвесност во Пакистан
Пакистанските власти најавија дека од почетокот на следната година би можеле да започнат со депортации на Авганистанци. Ова се однесува и на оние кои се сместени во објекти организирани од Германија.
Иако актуелната влада во изминатите месеци донесе неколку стотини луѓе, околу 1.000 Авганистанци и понатаму чекаат заминување во Германија. Тие ги добиле ветувањата преку четвртата опција од сојузниот програм за прием.
Министерот Добринт со месеци смета дека не е обврзан да ги спроведе тие ветувања. Во моментов, со авиони се префрлаат само лица кои пред германските управни судови избориле право на прием.
Според податоците на организацијата „Воздушен мост Кабул“, досега успешни биле 84 тужби. Уште 195 постапки се во тек, а околу дваесет нови се во подготовка. Неизвесно е дали ќе бидат завршени до крајот на годината.
Апели од хуманитарните организации
Двесте и педесет хуманитарни организации му упатија отворено писмо на министерот за внатрешни работи. Меѓу нив се „Хјуман рајтс воч“, „Про Азил“ и „Леб за светот“. Тие бараат до крајот на годината во Германија да бидат примени сите загрозени семејства на кои им бил ветен прием.
Директорката на „Про Азил“, Хелен Резене, изјави дека ова е „лакмусов тест за сигурноста, веродостојноста и хуманоста на германската влада“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека погодените лица засега можат да останат во пансиони во Пакистан додека границата со Авганистан е затворена. Германската влада нуди и резервација на летови за Кабул. Отворено останува прашањето што би можело да ги пречека овие луѓе таму.


