Еден необичен сообраќаен знак ова лето им создава главоболки на многу туристи во Германија. Ако не го препознаете неговото значење, лесно можете да заработите парична казна, а вашиот автомобил може да биде подигнат со пајак-служба.
Повеќето сообраќајни знаци се дизајнирани така што возачите можат веднаш да ја разберат нивната порака и навреме да реагираат. Но, постојат и знаци кои повеќе збунуваат отколку што помагаат, а еден од нив е германскиот знак 1010-70.
Овој знак неодамна почна да се поставува во германските градови и веќе се смета за една од најчестите причини поради кои туристите добиваат казни.
Прочитајте: ДИГИТАЛНОТО ЕВРО ДОАЃА: Дали ова е крајот на готовината и вашата слобода ?
Црно-белиот знак се поставува исклучиво во зони за паркирање. На него се прикажани четири лица во аглите и автомобил во средината, што на прв поглед не открива што точно означува. Поради тоа, на социјалните мрежи се појавија бројни шпекулации, а некои дури мислеа дека станува збор за паркинг резервиран за семејства.
Всушност, знакот означува дека паркинг-местото е наменето исклучиво за возила од системот „car sharing“, односно возила што ги користат повеќе лица преку услуги за споделување автомобили.
Ако паркирате приватен автомобил на место означено со овој знак, ризикувате казна – дури и ако сте се задржале само неколку минути. Доколку возилото не е регистрирано како дел од систем за споделување автомобили, паркирањето таму не е дозволено.
Затоа е важно внимателно да ги следите сообраќајните знаци и да го знаете нивното значење за да избегнете непотребни трошоци.
Германските медиуми објавија пример со жена која го оставила својот автомобил на вакво место само 11 минути. Во меѓувреме била повикана пајак-служба, но таа успеала да го тргне возилото пред да пристигне. Сепак, подоцна морала да плати 172,95 евра за направените трошоци.
Казната за неовластено паркирање на вакво место изнесува 55 евра, но ако биде повикана пајак-служба, вкупните трошоци можат да надминат 200 евра.
Овие правила важат за сите возила, без разлика дали имаат германски или странски регистарски таблички.