Речиси 800.000 слободни работни места во Германија? – Ова ќе бидат најбараните до 2028 година

Германија се соочува со сè посериозен недостиг на квалификувана работна сила, а според најновиот извештај на Институтот за германска економија (IW), ситуацијата би можела дополнително да се влоши во наредните години. Во студија објавена од Германската новинска агенција (dpa), се наведува дека до 2028 година бројот на неисполнети работни места ќе се зголеми на 768.000, во споредба со 487.000 евидентирани во 2023 година.

Посебен притисок се чувствува во професии како што се воспитувачи, социјални работници, негуватели и продавачи, а причините се повеќекратни – од пензионирање на голем број работници, особено таканаречената генерација „бејби-бумери“, до недоволен број млади луѓе кои се одлучуваат за стручни училишта.

„Ако не успееме да го ублажиме овој дефицит, сè повеќе луѓе ќе го чувствуваат тоа секој ден“, предупреди истражувачот на IW, Оливер Тидеман. Како пример, тој наведува ситуации кога, поради недостаток на персонал во градинките и домовите за стари лица, вработените не се во можност да го продолжат работното време, бидејќи мора да се грижат за своите семејства.

Прочитајте повеќе:

Ова се фирми во Германија кои примаат работници веднаш без диплома и ЕУ документи

Најкритичните професии до 2028 година:

  • Трговци: се очекува скок на неисполнетите работни места од 12.900 на дури 40.470.
  • Наставници: ќе има недостиг од 30.800.
  • Социјални работници и воспитувачи: повеќе од 21.150 отворени работни места.
  • Здравствени работници: се очекува недостиг од 21.350 работници.

Иако се предвидува дека бројот на вработени воспитувачи ќе се зголеми за дури 143.400, дури ни ова нема да биде доволно за да се задоволи растечката побарувачка. Исто така, се очекува значително зголемување – околу 26% – во ИТ секторот, како резултат на забрзаната дигитализација.

Од друга страна, секторот на металната индустрија би можел да остане без 161.200 квалификувани работници, додека се очекува банкарскиот сектор да ја намали својата работна сила за околу 56.300, поради затворање на филијали и автоматизација.

Овие податоци јасно укажуваат дека Германија мора итно да дејствува за да привлече нови работници, вклучително и од странство, и да го подобри системот за образование и преквалификација, ако сака да избегне сериозни нарушувања на пазарот на трудот.

Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија