Според Германската конфедерација на синдикати (DGB), околу 20 милиони вработени во Германија немаат фирмен пензиски план. Претседателката на DGB, Јасмин Фахими, сака тоа да се промени, а воедно и работодавците да преземат поголема одговорност.
Како дел од планираната пензиска реформа, Германската конфедерација на синдикати (DGB) предлага задолжителен фирмен пензиски систем како дополнителен облик на пензиско осигурување, во кој придонеси би уплаќале и работодавците.
DGB се залага секој вработен да има задолжителен фирмен пензиски план, изјави претседателката Јасмин Фахими за германската медиумска мрежа RND. Според неа, овој пензиски систем треба да биде дополнување на државната пензија и барем делумно да биде финансиран од страна на работодавците.
Прочитајте: Германија повторно го отвори прашањето за Kindergeld за деца кои живеат во странство
Според Фахими, околу 20 милиони вработени во Германија во моментов немаат пристап до фирмени пензиски програми, најчесто затоа што работат во компании кои не се опфатени со колективни договори. Таа истакна дека синдикатите се подготвени тоа да се регулира преку колективни договори за сите вработени.
За компаниите кои не се обврзани со колективни договори, според Фахими, можно е под одредени услови вработените да бидат вклучени во веќе постоечките фирмени пензиски програми.
Фахими најави дека до крајот на месецот ќе ги претстави конкретните детали од предлогот.
Таа засега не прецизираше кој точно ќе ги плаќа придонесите за ова дополнително пензиско осигурување, но јасно порача дека работодавците мора да преземат дел од товарот. Според неа, фирмените пензиски програми „не смеат да бидат еднострано на штета на вработените“.
Со оглед на тешката економска и финансиска состојба, Фахими очекува силни реакции. За RND изјави:
„Можам да замислам дека ќе има големо незадоволство и критики затоа што повторно ќе се бараат дополнителни придонеси.“
Сепак, таа потсети дека во повеќето европски земји задолжителните придонеси за пензиско осигурување изнесуваат 20 проценти или повеќе, што е значително над сегашното ниво во Германија. Во многу случаи, уделот што го плаќаат работодавците е дури и поголем од оној на вработените.
„Затоа, ваквиот пристап не може да се смета за нешто апсурдно“, заклучи претседателката на DGB.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.