Стапката на редовна вакцинација на децата се намалува во повеќе европски земји. Ново истражување покажува дека од 2019 година наваму во 16 држави е регистриран пад кај најмалку четири од седумте вакцини што биле предмет на анализата.
Најширок пад е регистриран во Бугарија, Кипар, Ирска, Холандија, Романија и Шведска. Во секоја од овие земји се намалил процентот на вакцинирани деца кај сите седум анализирани вакцини.
Германија исто така е меѓу државите во кои вакцинацијата се намалува. Во земјата е регистриран пад кај пет од седумте анализирани вакцини. Ист резултат има и Шпанија.
Прочитајте: Источноевропските банди го мамат Jobcenter: Германија воведува методи познати од полициските истраги
Највисоки стапки имаат Луксембург и Португалија. Во двете земји најмалку 95 проценти од децата се вакцинирани со секоја од седумте вакцини вклучени во истражувањето. Најниска стапка меѓу наведените земји има Романија, каде што таа е под 80 проценти.
Според истражувачите, намалувањето започнало во периодот од 2019 до 2022 година. Како една од можните причини се посочува пандемијата со Ковид-19, кога бил нарушен распоредот за редовна вакцинација на дел од децата. Поради оптовареноста на здравствените системи и ограничувањата во тој период, дел од закажаните термини биле одложени или целосно пропуштени.
Научниците предупредуваат дека помал процент вакцинирани деца значи и помала заштита од ширење заразни болести. Доколку бројот на невакцинирани лица продолжи да расте, се зголемува можноста повторно да се појават поголем број случаи на болести што можат да се спречат со вакцинација.
Податоците покажуваат дека европските здравствени системи се соочуваат со конкретен предизвик: да ги пронајдат децата кои пропуштиле редовна вакцинација и да спречат дополнително намалување на стапките во следните години.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.
