Жена по потекло од БиХ се бара во Германија поради кражба на 1 милион евра

Еден ден откако беше обелоденет профилот на Инстаграм на жена барана од полицијата во Штутгарт поради кражба на милион евра, се појавуваат нови детали за нејзиниот живот.

Станува збор за извесна Мирнеса С, по потекло од БиХ, која работела во компанија за транспорт на пари, од каде украла еден милион евра. Во Штутгарт е позната и по прекарот Мики, а пред оваа компанија работела како келнерка, јавуваат босанските медиуми.

Таа е родум од Босна и Херцеговина, поточно од Бусовача. Нејзините родители се одрекле од неа, а нејзиното моминско презиме било Бешлиќ.

Во откривањето на нејзиниот идентитет пресуден бил нејзиниот профил на Инстаграм, каде што објавила фотографии на кои се гледа како се забавува облечена во брендирана облека.

Германскиот весник „Билд“ во својот текст на насловната страница пренесува дека повеќе од очигледно е дека Мирнеса С. живеела луксузен живот. Имено, на нејзините фотографии може да се види скап накит, чанти, рачни часовници, како и забави со шампањ со пријателите.

Како што пренесува Билд, едно е сигурно: таа не ги земала парите постепено во подолг период, туку ја украла целата сума одеднаш. Понатамошната истрага ќе утврди како го направила тоа, и дали имала помошник „внатре“.

За потсетување, таа украла повеќе од милион евра од просториите на компанијата на 14 октомври околу 15.10 часот. Таа имала пристап до парите како вработена во компанијата.
Кражбата била откриена истиот ден, а полицијата започнала истрага. Во нивното соопштение не појаснија како извадила толку голема сума пари од фирмата. Понудена е награда за помош што ќе доведе до апсење на 42-годишната жена.

„Наградата е 37.500 евра и е приватно осигурена. Секој кој знае нешто за 42-годишниот осомничен се замолува да се јави во криминалистичката полиција“, соопшти полицијата во Штутгарт.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија