Што се менува во Германија од јули 2026 година?

Од 1 јули 2026 година во Германија стапуваат во сила повеќе важни промени кои ќе ги засегнат пензионерите, корисниците на социјална помош, работниците во негата, патниците, како и сите што нарачуваат производи од земји надвор од Европската Унија.

Најголемата промена е зголемувањето на пензиите. Околу 21,5 милиони пензионери во Германија од јули добиваат 4,24 проценти повисока пензија. Тоа значи дека пензија од 1.000 евра се зголемува за околу 42 евра месечно.

Се менува и системот на Bürgergeld. Досегашниот Bürgergeld се заменува со нова Grundsicherung. Според владата, целта е лицата кои можат да работат побрзо да се вратат на пазарот на трудот. За оние кои нема да соработуваат со Jobcenter, се најавуваат построги последици.

Прочитајте: Правила за жешко време на работа и во училиште во Германија

Добра вест има и за вработените во негата. Од јули растат минималните плати во Altenpflege. Pflegehilfskraft ќе добива најмалку 16,52 евра на час, квалификувана Pflegehilfskraft 17,80 евра, а Pflegefachkraft најмалку 21,03 евра на час.

Промена има и кај Minijob. Лицата кои претходно се откажале од плаќање пензиско осигурување во Minijob, од јули добиваат можност повторно да се вклучат во пензиското осигурување. Ова може да биде важно за идниот работен стаж и пензијата.

За патниците има мала промена кај авионските билети. Luftverkehrsteuer, односно данокот за авионски летови, се намалува. Тоа може да донесе поевтини билети, но само ако авиокомпаниите ја пренесат заштедата на патниците.

Поскапи може да станат и нарачките од земји надвор од ЕУ, како Кина, САД или Велика Британија. Се укинува досегашната царинска поволност за пратки до 150 евра, што значи дека онлајн нарачките од надвор од ЕУ може да имаат дополнителни трошоци.

Важно за сите што сами поднесуваат даночна пријава: рокот за Steuererklärung за 2025 година е 31 јули 2026 година. Ако пријавата ја поднесува Steuerberater или Lohnsteuerhilfeverein, рокот е подолг.

Од јули се воведуваат и построги правила во сообраќајот. Се затвора законската дупка со која некои возачи се обидувале да „продаваат“ или префрлаат казнени поени на други лица. За вакви случаи се предвидуваат високи казни.

Дополнително, продавниците кои продаваат електронски цигари мора да прифаќаат стари уреди за рециклирање. Исто така, се поедноставуваат правилата за јавни набавки, со цел побрзо реализирање на инфраструктурни проекти.

За граѓаните во Германија најважни се овие точки: повисоки пензии, нови правила за Grundsicherung, повисоки плати во негата, можни дополнителни трошоци за онлајн нарачки надвор од ЕУ и рокот за даночната пријава до 31 јули.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија