Возачите во Германија кои имаат каско осигурување треба да бидат повнимателни кога го оставаат автомобилот на поправка. Сојузниот суд на правдата (Bundesgerichtshof – BGH) одлучи дека осигурителната компанија не мора автоматски да ја плати целата сума што автосервисот ќе ја наведе на фактурата.
Доколку сервисот наплати непотребни, неоправдано високи или неизвршени работи, разликата може да остане на товар на сопственикот на автомобилот.
Станува збор за таканаречениот „Werkstattrisiko“, односно ризик поврзан со работата и фактурирањето на автосервисот.
Каското не значи дека секоја фактура ќе биде целосно платена
Каско осигурувањето обезбедува значително поширока заштита од задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.
Прочитајте: Барате стан во Германија? Овие портали треба да ги проверувате секој ден
Teilkasko, во зависност од договореното покритие, покрива штети како кражба, град и други природни непогоди, додека Vollkasko дополнително може да покрива штети на сопственото возило при сообраќајна незгода предизвикана од самиот возач, како и вандализам.
Но, во условите на осигурувањето најчесто се предвидува покривање на трошоците што се неопходни за поправката. Токму тука може да настане проблем.
Ако сервисот фактурира повеќе од она што било реално потребно за отстранување на штетата, осигурителната компанија може да одбие да го плати тој дел од сметката.
BGH: Ризикот го носи осигуреникот
Пред BGH се поставило прашањето кој треба да ја плати разликата доколку сервисот издаде повисока фактура од оправданите трошоци за поправка.
Судот одлучил дека кај каско осигурувањето овој ризик во принцип го носи осигуреникот.
Тоа значи дека осигурителната компанија не мора да плаќа ставки кои се неразумни или непотребни, ниту работи што воопшто не биле извршени.
Како примери се наведуваат претерано високи трошоци за материјал или работна рака, како и користење несоодветни или неефикасни методи за поправка.
За сопственикот на автомобилот ова може да значи дека сервисот ќе побара, на пример, 5.000 евра за поправката, додека осигурувањето ќе признае само 4.300 евра како оправдани трошоци. Во таков случај може да настане спор околу преостанатите 700 евра.
Важен исклучок кога осигурувањето го одредува сервисот
Од правилото постои важен исклучок.
Доколку осигурителната компанија го упати осигуреникот во конкретен сервис и практично го одреди местото каде што треба да се изврши поправката, ситуацијата може да биде поинаква.
Ова е особено важно за полиси со Werkstattbindung, односно договори кај кои поправката се врши преку партнерски сервиси на осигурителната компанија.
Што да направите пред да започне поправката?
Потрошувачките организации советуваат возачите да не дозволуваат скапа поправка без претходно да знаат што ќе признае осигурувањето.
Најсигурна постапка е прво од сервисот да се побара Kostenvoranschlag – проценка на очекуваните трошоци за поправката.
Потоа документот треба да се испрати до осигурителната компанија и да се побара потврда кои трошоци ќе бидат покриени. Дури потоа е препорачливо да се даде конечна согласност за поправката.
Ако сервисот сепак наплати неоправдано високи трошоци кои осигурувањето одбива да ги покрие, сопственикот може да побара враќање на спорниот износ од самиот сервис. Доколку не се постигне договор, можно е спорот да заврши и пред суд.
Кога друг возач ја предизвикал несреќата правилата се различни
Одлуката е особено важна за штети што се регулираат преку сопственото каско осигурување.
Ако, пак, друг возач ја предизвикал сообраќајната незгода, штетата вообичаено се регулира преку неговото осигурување од автомобилска одговорност (Kfz-Haftpflichtversicherung).
Во таква ситуација правилата за таканаречениот „Werkstattrisiko“ се различни и ризикот дека сервисот ќе наплати нешто повеќе од строго неопходниот износ не се префрла на оштетениот на ист начин како кај сопственото каско.
Новата судска одлука затоа испраќа важна порака до сопствениците на автомобили со каско во Германија: пред поправка проверете што точно ќе плати осигурувањето и, кога е можно, побарајте писмена потврда за проценетите трошоци.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.
