Сè почесто на социјалните мрежи читаме коментари од нашинци кои живеат во Германија: „Не доаѓајте, не се исплаќа повеќе, Германија пропадна, порано беше подобро!“
И најинтересното? Голем дел од тие што најгласно го зборуваат ова со години продолжуваат да живеат и работат токму во Германија.
Да бидеме реални. Германија во 2026 година не е истата земја од пред десет или дваесет години. Кириите се високи, храната поскапе, струјата и греењето се сериозен трошок, а даноците и придонесите одземаат значителен дел од платата.
Но дали тоа значи дека Германија повеќе не нуди добар живот?
Ајде да погледнеме неколку факти.
Минималната плата во 2026 година изнесува 13,90 евра бруто на час. За полно работно време од 40 часа неделно, тоа се приближно 2.409 евра бруто месечно. Од јануари 2027 година минималната саатница ќе порасне на 14,60 евра.
Прочитајте: Имате каско во Германија? Внимавајте – осигурувањето не мора да ја плати целата сметка од сервисот
Миниџобот веќе не е 520 евра, туку 603 евра месечно, а од 2027 година границата ќе се зголеми на 633 евра.
Детскиот додаток (Kindergeld) изнесува 259 евра месечно за секое дете. Семејство со две деца добива 518 евра месечно, доколку ги исполнува законските услови.
Но тоа не е сè!
Да земеме конкретен пример: семејство со две деца во Германија добива 518 евра месечно Kindergeld. Доколку ги исполнува условите за максимален Kinderzuschlag, може да добие дополнителни 594 евра.
Тоа се вкупно 1.112 евра месечно само преку овие два додатока, без евентуалната помош за домување (Wohngeld)!
Секако, ова е максимален можен износ, а не сума што автоматски му следува на секое семејство. Висината на Kinderzuschlag зависи од приходите и семејната состојба.
За семејствата со пониски приходи постои и Wohngeld, државна субвенција за трошоците за домување. Во зависност од приходите, бројот на членови во домаќинството и висината на станарината, оваа помош може значително да го олесни семејниот буџет.
Постои и државна основна социјална заштита за луѓето што останале без доволно средства за живот. Во 2026 година системот на Bürgergeld се заменува со новата Grundsicherung, со построги правила и обврски.
Во Германија и понатаму постојат платено боледување, платен годишен одмор, родителски надоместоци, пензиско осигурување и организиран систем на здравствена заштита. Здравството не е бесплатно, бидејќи се финансира преку придонеси, но осигурените лица имаат пристап до широк опсег здравствени услуги.
Исто така, основниот годишен неоданочен износ во 2026 година е зголемен на 12.348 евра, што значи дека овој дел од оданочливиот доход не подлежи на данок на доход.
Секако, не треба да се премолчуваат проблемите.
Во Минхен, Франкфурт или Хамбург станарината може да одземе огромен дел од семејниот буџет. Со една минимална плата и две деца не се живее лесно. Не секој добива помош, не секоја професија е добро платена и не секој што ќе дојде веднаш ќе успее.
Но да поставиме едно едноставно прашање.
Какви можности за работа, плати, детски додатоци, социјална сигурност и институционална заштита има просечно семејство во Македонија, а какви во Германија?
Не велам дека во Германија течат мед и млеко. Ниту дека секој Македонец мора да замине од својата земја. И во Македонија може убаво да се живее, особено ако имате добра работа, сопствен дом и стабилни приходи.
Но не е фер некој што со години живее во Германија, користи дел од нејзините можности и таму ја планира својата иднина, постојано да ги убедува другите дека воопшто не вреди да се дојде.
Се сеќавате ли како беше порано?
Кога баравме помош да заминеме, ни велеа: „Немате европски пасоши.“
Кога обезбедивме документи, ни велеа: „Не знаете германски.“
Кога почнавме да го учиме јазикот, следуваше: „Не доаѓајте, Германија веќе не е тоа што беше.“
Па добро, кога беше вистинското време да се дојде?
Вистината е дека Германија не е рај, но не е ни пропадната земја без иднина. За човек што е подготвен да работи, да го научи јазикот и да се интегрира, таа сè уште може да понуди можности што тешко се наоѓаат на Балканот.
А на оние што велат дека овде повеќе нема живот, би им поставил само едно прашање:
Ако навистина е толку лошо, што ве задржува во Германија?
Ме интересира и вашето мислење. Дали во 2026 година сè уште вреди да се дојде во Германија или навистина најдобрите времиња поминаа?
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.
