Германија ќе бара доселеници преку реклами

Германија е најатрактивна доселеничка земја во светот. Бидејќи бројот на населението рапидно се намалува, на Германија ѝ се потребни експерти од странство. Нивното внимание ќе се привлекува со рекламна кампања.

Германскиот министер за внатрешни работи на конгресот со експертите за прашањето на доселувањето рече: „Доколку сакаме луѓето да доаѓаат тогаш мораме целно да ја рекламираме нашата земја“. „Доселеничкиот маркетинг“ е потребен бидејќи прогнозите за стручната работна сила на германскиот пазар на трудот за следните неколку години, без странци, не изгледаат воопшто оптимистички.

Според резултатите од студијата на фондацијата Бертелсман, бројот на луѓе во работно доба во Германија, од 2050 година би можел да се намали за 11 милиони. За актуелните 45 милиони работни места на располагање би биле само 29 милиони работници. Заклучокот гласи: „Ние Германците премногу зборуваме за дозволи. За повиците и доаѓањето на луѓето говориме премалку“.

Министерот смета дека е потребен повеќе маркетинг иако Германија веќе денес е најомилена доселеничка земја на светот. Во Германија во моментов живеат 8,2 милиони луѓе кои немаат германско државјанство. Далеку поголем е бројот на оние кои потекнуваат од втори или трети генерации на мигрантски семејства.

Министерот вели дека покрај државните структури во рекламната кампања треба да се вклучи и успешното германско стопанство. „Германските претприемачи се многу креативни во тоа како да ги извезуваат германските производи во целиот свет.

Но зошто германското стопанство досега беше слабо креативно кога од странство во Германија требаше да се привлече работна сила?, ги праша министерот претставниците на стопанството.

Дебата за новиот закон
Некои, меѓу нив и социјалдемократите, сметаат дека новиот закон за доселување со транспарентни права би можел да понуди јасни рамки. Досега доселениците често до себе мораа да имаат правник за да се снајдат низ купиштата документи.

Законот за доселување треба да се погрижи за поголема транспарентност, односно да овозможи еднаков третман за доселениците и домицилното население. „Никој во нашата земја всушност не разбира кој доаѓа, кој заминува и зошто“. Одреден број на луѓе сметаат дека нештата излегле од контрола, па тоа ги потпалува непотребните стравови кои потоа ги искористуваат деснопопулистичките движења како што е Пегида.

Министерот смета дека со правни измени, па дури ни со поедноставни закони нема да се успее да се привлечат повеќе експерти и висококвалификувани луѓе во Германија. И тој не е единствениот со таков став. „Оние кои сметаат дека со новиот закон за доселување сѐ ќе биде полесно, потранспарентно и појасно, грешат“, вели професорката Кристине Лангенфелд, претседателка на Советот на експерти за прашањата на интеграција и миграција.

„Сортирање“ на доселениците?
Веќе се појавија контроверзи околу прашањето во кои земји ќе се спроведува доселеничкиот маркетинг кој го најави министерот за внатрешни работи. Тој не криеше дека ќе се работи за земји кои се блиски на христијанско-европските културни кругови. „Сметам дека е легитимно една доселеничка земја да погледне кој најмногу ќе ѝ одговара“, вели министерот. „Подготвеноста на прифаќање на доселениците кај самите граѓани е поголема доколку се тие поблиски до нивниот културен круг“, гласи неговиот аргумент. Оваа тема е чувствителна не само затоа што медиумите во последните недели и месеци мораат многу да известуваат за грдата страна на Германија како доселеничка земја: деснопопулистичкото движење Пегида и натаму е против секој вид прифаќање бегалци, а зачестија и пожарите во објектите кои беа планирани за сместување на бегалците, како што беше случај во Троглиц.

ЕУ мора повеќе да работи на доселувањето
Министерот смета дека покрај Германија и ЕУ треба повеќе да работи на доселувањето. Со оглед на 50 милиони бегалци во светот, ЕУ треба да понуди заеднички одговор. Европската комисија во мај треба да ја претстави европската миграциска агенда.

Досегашниот бегалски системќе биде преиспитан. Овој систем беше остро критикуван од организациите за заштита на човековите права. Со него се регулира распределбата на бегалците меѓу земјите членки на ЕУ. Освен тоа ќе стане збор и за легалните доселенички патишта, како и за посилна борба против трговијата со луѓе на европските надворешни граници, вели министерот.
Професорот Деметриос Пападимитриу од Институтот за миграциски политики во Вашингтон го советува германскиот министер: доселувањето мора да биде поатрактивно или целиот проект ќе пропадне. Но, Германија сѐ уште има време, вели американскиот професор.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија